– Во овој момент не можеме да бидеме посреќни и поисполнети кога во Македонија е избрана првата жена претседател, почитуваната професорка Гордана Сиљановска Давкова, што претставува кулминација на нашата работа и не претставува сите нас, мојот труд во минатото и вашиот кој допрва доаѓа, вели Светлана Мишева, почесната претседателка на Македонската заедница во Холандија, во одговорот на честитката испратена до неа од Здружението „Јас сум жена“.
Мишева неодамна ја доби наградата Златен Птоломеј за животно дело во Холандија, за што стигнаа бројни признанија од Македонците во целиот свет. „ Јас сум жена“ испрати искрена честитка до Мишева, со благодарност за сиот нејзин труд, вложување и дела во насока на промоција на Македонија, заложбата за Македонките во Холандија и пошироко.
– Вашиот повик до Македонците во светот да не се откажуваат од својата идентитетска борба е примен со овации во нашето Здружение и претставува дополнителен нескротлив пламен , во овие исклучителни моменти кога повторно е воскреснато негирањето на нашето македонско постоење, се вели во честитката од претседателката на „Јас сум жена“, Ана Дукоска, испратена до Мишева.
Добитничката на Златен Птоломеј изрази поддршка за мисијата на „Јас сум жена“ во реализација на сите проекти кои претстојат, во рамките на семакедонската платформа.

Која е Светлана Мишева?
Таа е единствен одликуван граѓанин од македонско потекло во Холандија, а пред 15 години стана член на Редот Оранје-Насау за нејзините заслуги и придонес во холандското општество.
Македонската заедница и ја додели наградата за животно дело надоврзувајќи се на државната награда на Холандија доделена во 2009 година. Светлана Мишева, во март 2024 година, имаше чест да ја облече „наметката на македонското достоинство“ и стана почесен претседател на Македонската заедница во Холандија.
Мишева е родена во Пробиштип во 1944 година. Детството и раната младост ги минала во Скопје и подоцна како активен член на фолклорниот ансамбл „Орце Николов“, во 60-тите години на друштвото, настапувала на речиси сите фолклорни фестивали низ целиот свет. Непосредно по земјотресот во 1963 година работела во тимот на јапонскиот архитект Кензо Танге во изградбата на Скопје и на повик на ансамблот „Орце Николов“ повторно заминала на турнеја во Америка, но овојпат на хуманитарни концерти и собирање помош за обнова на македонскиот главен град.
Во Холандија живее од 1971 година и таму помагала на бегалци, сиромашни и болни за чија хуманост, посветеност и грижа е одликувана во 2009 година.

За време на доделувањето на наградата за Мишева зборуваа поранешниот градоначалник на Хендрик-Идо-Амбахт Херман Јонкер во чиј мандат беше доделено одликувањето, Класине Шеле, која ја номинираше Светлана за да го добие ова државно одликување, а Георги Гоце Дуртаноски го презентираше нејзиниот живот со проекција на фотографии од најзначајните етапи од нејзиниот живот кои оставиле трага кај неа и кај другите.
Преку видео-пренос на настанот се обрати и холандската музичка ѕвезда Лени Кур, која во 1969 година беше евровизиски претставник на Холандија и една од победничките на Евровизија во Мадрид. Лени Кур упати прекрасни зборови до Светлана Мишева и евоцираше спомени од нивната средба во 1971 година.
Писмото до Светлана Мишева од ,,Јас Сум Жена”

Писмото од Светлана Мишева до ,,Јас Сум Жена”
