По повод меѓународниот ден на жената, здружението за вмрежување на успешни жени во Македонија и светот, „Јас сум жена”, традиционално укажува посебна почит на жените Македонки, кои низ годините ја афирмирале македонската култура, историја, наука, уметност, дома и надвор. Оваа година ја посетивме македонската оперска дива, Милка Ефтимова, во нејзиното сегашно престојувалиште, домот за стари лица, „Резиденција Дабески лукс”.

– Ви се поклонуваме со истото воодушевување и восхит како во вашите оперски изведби, иако од сцената се простивте пред повеќе од 30 години. Ви благодариме за вашиот целокупен придонес кој го дадовте во афирмација на Македонија, од уникатното уметничко претставување во светот до пренесување на вашето музичкото знаење на бројните генерации уметници кои го продолжија вашиот уметнички правец на домашната и светската оперска сцена, рече претседателката на „Јас сум жена”, Ана Дукоска.
Ефтимова, со емоции и изненаденост го прифати вниманието од здружението. Македонската дива изрази благодарност за укажаната чест, и посака успешна работа.

Животна приказна на Милка Ефтимова е поткрепена со бројни награди од целиот свет, државното одликување Орден за заслуги за Македонија и овековечена со монографијата на Снежана Анастасова Чадиковска , „Светот на еден глас”. Ефтимова останува безвременска мотивација и инспирација за оваа и следната генерација жени во Македонија и во светот, да го продолжат културниот натпревар како неизбришлива трага од македонското постоење и придонес во светскиот хуманизам.